Идентификувачки бел стап

Во изминатите две статии; кажувајќи „Што е бел стап?“ и пишувајќи за „Историјата на белиот стап“, започнавме да ги одговараме најчестите прашања поврзани со белиот стап. Во денешната статија ќе зборуваме за тоа какви видови бел стап постојат, земајќи ја предвид различноста во функцијата, дизајнот и намената.

 

Имено, кај белите стапови постојат онолку варијанти колку што може да се направат со следниве карактеристики: должината, можноста за склопување, материјалот од кој е направен, бојата, функцијата или намената, дали има вградено некаква дополнителна технологија, каков е врвот што се користи и колку чини. Во скратена форма во продолжение ќе се обидеме да ги објасниме овие карактеристики, коишто се клучни за понатаму да одговориме и на прашањето каков бел стап е потребен некому.

 

Според функцијата

 

Во однос на функцијата во поразвиените земји во светот, белите стапови се делат на бели стапови за ориентација и мобилност (она што кај нас се нарекува бел стап) и бели стапови за поддршка при одење (ова се бастуните и помагалата за одење кај нас). Првите служат само за ориентација и мобилност на слепи и слабовидни луѓе, додека вторите се користат главно од возрасни луѓе на кои им е потребна потпора при движење. Во случај човекот да има потреба и од потпора при одењето и од помош при ориентацијата и мобилноста, тогаш се препорачува користење на двата вида на стап, едниот во едната, другиот во другата рака на корисникот и за совладување на оваа техника има лица што се посебно обучени и се дел од рехабилитациските тимови.

 

Долг бел стап.

 

Превиткувачки бел бастун.

 

Според должината

 

Белите стапови имаат најразлична должина, почнувајќи  од деведесетина сантиметри (бели стапчиња за мали деца или луѓе со низок раст), па сѐ до 1,8 метри (за луѓе со висина од 2 метра). Значи, висината на корисникот е еден од главните фактори што ќе ја детерминира и висината на белиот стап што тој корисник треба да го користи.

 

Според материјалот од кој се направени

 

Речиси до средината на дваесеттиот век белите стапови секогаш биле направени од дрво. Но со развивањето на хуверовиот метод за користење бел стап, со кои потребно е стапот да е во постојано движење и поткренување од земјата, дрвото излегло од употреба поради тоа што било претешко, а се вовела употребата на аломиниумски бели стапови, коишто биле многу полесни и не го заморувале корисникот и при подолга употреба. Меѓутоа развојот на технологијата придонесол и во изработката на бели стапови, па во изминативе децении и аломиниумските стапови веќе се заменуваат со уште полесни и поцврсти материјали како графитот и карбонските влакна. Така денес во употреба се бели стапови, главно, од 3 материјали: аломиниум, графит и карбонски влакна.

 

Според бојата

 

И да, белиот стап не е секогаш бел! Во однос на бојата на белите стапови, во светот сѐ уште нема општо прифатено правило или закон за тоа какви тие треба да бидат. Во некои земји се бара тие да се чисто бели, додека во други се бели со една црвена секција на долниот дел од стапот или неколку црвени секции на различни висини од стапот. Има земји во кои се бара и белите стапови да имаат жолти секции. Дека ова со боите на стапот не е глобално, туку е локално и се разликува од земја до земја ни покажува примерот со Аргентина, каде што, целосно слепите луѓе треба да носат целосно бел стап или бел со црвени ленти, додека слабовидните луѓе треба да носат зелен стап.

 

Сепак, некое поосновно непишано правило е луѓето што се со само оштетен вид да користат чисто бел стап или бел со само една црвена лента на најдолниот дел од стапот, додека оние што имаат и оштетен вид, но и оштетен слух, да користат бел стап со најмалку две црвени ленти на него, за да знаат возачите и другите учесници во сообраќајот дека не може да се потпрат на звучни предупредувања или насоки кај оние што се слепо-глуви.

 

Според можноста за склопување

 

Според можноста за склопување, постојат склопливи и несклопливи бели стапови.

 

Несклопливите бели стапови се дизајнирани да имаат само една секција, односно тие се едноделни стапови. Во споредба со склопливите, овие бели стапови имаат три предности:

  1. тие се полесни во однос на склопливите бели стапови со превиткување — Бидејќи немаат ластик во внатрешноста на цевката за да ги држи деловите, а тоа значи дека корисникот може да изоди многу повеќе без да почувствува замор во дланката и подлактицата.
  2. Тие ги пренесуваат тактилните информации многу подобро од сите други склопливи стапови — Поради тоа што несклопливите стапови се едноделни, односно направени се од една цевка, тактилните информации од земјата до дланката на корисникот се пренесуваат многу појасно и не се губат во споевите/зглобовите, каков што е случајот кај склопливите бели стапови, односно нема лажни вибрации поради вибрирањето на ластикот што се наоѓа во внатрешноста на склопливите бели стапови со превиткување.
  3. Тие се најиздржливи од сите бели стапови — Кај овие стапови нема зглобови што го ослабнуваат стапот, така што во однос на цврстината тие се убедливо поцврсти и поиздржливи во споредба со склопливите бели стапови.

 

Меѓутоа, несклопливите бели стапови имаат еден сериозен недостаток, а тоа е неможноста за нивно склопување, па  кога корисникот патува со автомобил, или кога корисникот е во театар, кино или е на друг сличен настан каде што е потребно да го смести белиот стап во помал простор, прилично е тешко да се најде положба во која стапот ќе го собере во возилото, односно ќе се смести помеѓу седиштата.

 

Склопливите бели стапови, главно, имаат два дизајна, па се делат на:

  • Бели стапови со превиткувачко склопување (foldable canes) и
  • Бели стапови на издолжување (telescopic canes).

 

Главна предност во однос на несклопливите бели стапови и за склопливите стапови со превиткување и за склопливите стапови со издолжување е можноста по нивното користење да се соберат и стават во многу мал простор (ранец, чанта и сл.), што ги прави многу погодни при патување со автомобил, авион, или за одење на некој јавен настан, театарска претстава, проекција на филм во кино и сл.

 

Меѓутоа, како што кажавме погоре, овие стапови се со помала цврстина и издржливост, тактилните информации ги пренесуваат полошо и потешки се во однос на несклопливите бели стапови.

 

Според врвот

 

Иако врвот е делот од стапот што ја допира земјата, ние Го нарекуваме врв затоа што стапот го замислуваме како продолжување на врвот од прстите на раката што го држи стапот. Врвот е многу значаен дел од белиот стап, бидејќи преку него го добиваме тактилниот и аудитивниот фидбек кога го користиме стапот. Главно, постојат 3 видови врвови за бел стап, и тоа се:

  1. Неротирачки врвови — Овие врвови најчесто се во цилиндрест (marshmаllow), крушковиден, топчест облик, или pak во облик на капаче од пенкало. Неротирачките врвови се дизајнирани за корисници што ја претпочитаат техниката со тапкање по земјата.
  2. Ротирачки врвови — Овие врвови ги има исто во цилиндричен (marshmallow), топчест и крушковиден облик, но тие, за разлика од неротирачките можат да ротираат, со што се многу попогодни за корисници што претпочитаат да ја користат техниката за константен контакт со патеката пред нив.
  3. Лизгачки врвови — Овие врвови се направени од цврста керамика или метал и служат како трета варијанта што ги обединува ротирачките и неротирачките врвови, затоа што тие можат да се тапкаат како неротирачките, но во исто време тие одлично се лизгаат по површината со што се добива слично чувство како да се користи ротирачки врв кога се користи техниката за константен контакт со патеката.

 

Различни врвови за бел стап.

 

Според додадената технологија

 

До седумдесетите години од минатиот век белите стапови биле само бели стапови. Но почнувајќи од седумдесетите години, па сѐ до денес, има многу обиди за вградување на различни видови технологија што би го направиле белиот стап уште покорисно помагало за ориентација и мобилност. Овие технологии во себе главно вклучуваат вградување на ултразвучни сензори за детектирање објекти во висина на горниот дел од телото, дел што белиот стап не може да го покрие. Меѓутоа, во последно време освен ултразвучните сензори има обиди за правење на паметни бели стапови или смарт бели стапови, како белиот стап од компанијата ВиВок (WeWalk). Ова е стап што, освен ултразвучни сензори вградени во рачката, тој има и вградена навигација од гугл мапс, како и некои други смарт функции за кои повеќе може да погледнете на овој линк.

 

Според цената

 

Оваа карактеристика е особено важна за земја како нашата, каде што голем број од слепите луѓе се невработени, а нашата држава не ги рефундира средствата вложени во белиот стап. Овде накратко ќе кажеме дека во моментов најевтини се аломиниумските бели стапови, потоа графитните и карбонските, а на крај доаѓаат белите стапови со вградени додатни технологии за детектирање објекти во висина на главата или за навигација. Но многу повеќе за цената, за начинот како да изберете стап што ќе одговара најмногу за вас или за оној за кого ќе го купите и, конечно, за тоа каде да го купите ќе пишуваме во месец февруари.