Девојка преминува улица со бел стап.

Многу повеќе од само едно обично помагало, многу повеќе од најчест симбол за слепило, белиот стап низ целата човечка историја, па сѐ до денес е најзначајниот пронајдок за слепиот човек. Давајќи ни слобода и безбедност при движењето, тој претставува сѐ уште ненадминлива алатка за ориентација и мобилност и покрај бројните модерни технолошки пронајдоци на денешницата.

Девојка преминува улица со бел стап.

Слепиот човек што има позитивно изграден став и го гледа белиот стап како свој „најдобар пријател“ од нежива природа, како и вистинските вештини и знаење за негова употреба, има бројни предности во однос на слепите што не користат бел стап, и тоа: поголема самодоверба, подобра социјализација, предност при вработување, можност за полесно снаоѓање при образованието и воопшто поисполнет живот во целина.

Има многу работи што треба да се кажат и напишат за ова прекрасно помагало, затоа во следниот период за него ќе напишеме повеќе статии. За сега, ќе тргнеме со ред и ќе зборуваме за трите функции што ги има белиот стап, а тоа се:

  • Заштитна функција – Доколку правилно се употребува, белиот стап секогаш се наоѓа помеѓу неговиот корисник и стотиците опасни објекти што се пред него додека се движи. Тој ненадминливо е најефикасното помагало за заштита од сите нерамнини на патеката и објекти што се вовисина на долниот дел од телото.
  • Информирачка функција – со помош на белиот стап добиваме тактилен и звучен фитбек. Тактилниот фитбек го добиваме преку различните видови вибрации што ги чувствуваме со самото држење на дланката користејќи го стапот. Метафорички кажано, стапот ни служи како „продолжена рака“, со други зборови, претставува медиум помеѓу корисникот и околината. Користејќи го, ние буквално ја допираме земјата, бетонот, асфалтот… преку стапот дознаваме дали на нив има пукнатини, дупки, косини… Додека звучниот фитбек го добиваме или преку директното произведување звук при удирањето со стапот по патеката врз која се движиме (асфалтот произведува различен звук од чакалот или тревата), но добиваме и звучен фитбек од рефлектираниот звук од примарното тапкање, таканаречен еколокација.
  • Идентификациска функција – Таа не е многу омилена кај оние што не започнале да користат бел стап навремено или кај оние што го имаат изгубено видот подоцна во животот, меѓутоа идентификациската функција е значајна за сите корисници на бел стап, затоа што ни помага во разни ситуации при движењето и социјализацијата. На пример, некој ни ја подава раката за поздрав, а ние негледајќи нема да возвратиме, или ќе не поздрави со мавтање од далечина, а ние нема да отпоздравиме… белиот стап е овде да покаже дека причина за нереагирањето не е нашиот ладен карактер, туку неможноста да го видиме неговото движење. Ова е важно за социјализирањето, но уште поважно е идентификувањето со бел стап при движење, затоа што на тој начин, прво, индицираме слеп корисник во сообраќајот, па другите учесници во него внимаваат повеќе и се избегнуваат несреќи. Второ, кога одиме во банка, во аптека, во продавница… носењето на белиот стап со нас е доволно објаснување за вработените за тоа зошто бараме помош при пополнувањето на формуларите или барањето помош за наоѓање на некој производ од рафтовите. Трето, доколку несакајќи поттурнеме нешто или некого… Белиот стап со неговата идентификациска функција е овдеда го каже целото објаснување дека не гледаме и дека туркањето било ненамерно.

Дали белиот стап ќе ни предизвикува засраменост и немир или ќе ни донесе чувство на слобода и независност, зависи од нашите ставови и умешност за негово користење. Почнувајќи го овој краток серијал за белиот стап, ние искрено се надеваме дека ова прекрасно помагало ќе биде разбрано како вистински сојузник на слепиот човек кон неговата целосна интеграција во општеството. Значи, посетете го сајтот на НССРМ повторно и очекувајте уште вакви статии, напишани од самите нас, лицата со оштетен вид.