Неодамна еден од нашите членови, новинар, поет, но и голем професионалец во она што го работел и сѐ уште го работи, Чедомир Шопкиќ, со поддршка од Министерството за култура ја издаде својата прва аудио книга од сферата на поезијата, насловена „Времеплов на бесконечноста“. Оваа своја книга тој ја донира на членовите на Националниот сојуз на слепи, па како еден мал знак на благодарност одлучивме да направиме едно кратко пишано интервју со него, коешто следи во продолжение.
– Која е темата на книгата?
Ч. Ш. Мојата втора книга – стихозбирка „ВРЕМЕПЛОВ НА БЕСКОНЕЧНОСТА”, издадена благодарение на финансиската поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија,. како што велат оние што досега ја прочитале е „прекрасен поетски вознес што ќе го има своето патување низ времепловот и ќе го заземе местото кое со право ѝ припаѓа. Местото на квалитетна, чиста и оригинална поезија“. Поетскиот тематско-мотивски извор на енергијата извира од внатрешниот микросвет на песната. тематско-мотивското сидро е зацврстено околу човекот-ѕвездоносец. Оттука, клучен мост на градење на поетските микросветови е љубовта како исконска сила и епифанија.
И во оваа книга со поезија – химна на љубовта и гордост на секоја душа која сака, која сакала и која допрва ќе сака, ја отворам широката поетска амплитуда на секогаш вечните теми и мотиви. Во оваа како што ја нарекуваат „волшебна поезија“ или „поезија на расцветано срце“ сентенциите се само знак за владеењето со суштината на градбата на песната, со насоченоста кон отворањето на кристалните сфери на светот полн со огнена љубов и чиста јазична езотерија. Како што запишал нобеловецот Иво Андриќ „… срцето го има тоа што го сака, душата тоа што ја радува, усните таа што сакаат да ја љубат, рацете таа која сакаат да ја милуваат, нозете онаму каде што сакаат да патуваат – затоа животот нека ни биде најубава песна. Но и најубавите песни имаат крај. И најчесто не се долги. Меѓутоа, ако навистина вредат – долго опстојуваат и се помнат…”, така сите стоиме исправени пред товарот на сите животни радости, приказни и болки од животот. Едноставно сите заслужуваат љубов: луѓето, растенијата, животните, птиците на гранките… Сакајте се себе си за да можете да ги сакате и другите околу вас. Поедноставно не може да биде. Затоа прекрасно е чувството кога ќе се најдеш меѓу поетите и уметниците на кои стихот и поезијата им се средство за љубов и говор на душата. Во дружба со поетите се студира времето, љубовта, филозофијата, животот… Ова навистина ретко се доживува и никогаш не се заборава.
– Која е инспирацијата за пишување токму на оваа тема?
Ч.Ш. Да се пишува поезија, која сепак испраќа некаква порака во етер, бара упорно учење на животот. Поетот не е фалбаџија, тој е скромна појава, тој е гласник на семирот. Поезијата бара упорен читател кој е подготвен да ја најде пораката прекриена со патината на зборовите, која поетот ја сокрива во своите стихови, како сликарот кој со колоритот на нијансите го испраќа значењето, кое кога ќе се пронајде, окото на набљудувачот засолзува од радост. Поезијата носи една длабока и исконска порака дека љубовта е одговор на сите зла, на сите горчини и јадови, а тој што ја носи во себе вгнездена, ги знае одговорите на сите прашања, ја спознал мудростта и е полн со милост кон ближните свои, кон луѓето. Кој не пишувал поезија, не знае, дека поезијата не е само надареност, дар, радост, восклик туку и длабоко зачипчена болка, мачнина, проклетство, крст, рев, прокоба… Се пишува кога е човек егзалтиран, екстрахиран од тривијалната реалност и екстрадиран во некои неповторливи простори, каде што досегашните граници на недофатливото, со завршниот стих, ги фаќаш за поткршеното гранче…
Книгата – стихозбирка „Времеплов на бесконечноста“, е вoспев кон љубовта како централна поетска оска – волшебност што успева да ги разбранува чувствата кај секој читател, кој знае и ја почитува љубовта како неисцрплив извор на инспирација, заедно со сите спомени од детството, младешките години, саканите… После читањето на секоја песна од оваа стихозбирка ќе ви се отвори еден огромен предизвик на непознатото облечено со сопствените чувства, таа стерна од чувства и лавина од мечти проткаени во килимот со најмногу шари кој едноставно е наречен живот, притоа на специфичен начим контролирајќи го напливот на емоции. Токму во овој животен шарен килим ги има сите бои кои виножитно се прелеваат и во тој светоглед, што секоја песна го создава и остава своја трага. Таа хармонија на чувства од песните ќе продолжи да владее со вас и ќе ве натера да гледате на животот многу посмирено и со доза на радување, зошто сé уште сме тука и сé уште сме моќни да ги држиме конците на нашиот разбој.
За мене меѓучовечката љубов и пиететот кон сите живи суштества на планетата е вечниот времеплов на бесконечноста. Поетот е создавач на животот, креатор на идеите и креативните атоми кои остануваат како трага во вечноста.
– Каков е стилот на пишување, односно кои стилски фигури и особености се применети?
Ч.Ш. Книгата е конципирана во осум стожерни циклуси, насловени како: Бесконечност; Броење ѕвезди – со што да те споредам; Вечниот ветер; Под дланката на ѕвездите; Буден на прозорецот на небото; Во прстенот на соѕвездијата, Бессона ноќ и Низ мемоарите на душата. Секој од горенаведените циклуси започнува со цитати или мото од некои светски познати писатели и мислители, како: Виктор Иго, Блез Паскал, Вилијам Шекспир и Стариот и Новиот Завет, а кои се инспирација за создавањето на 72 песни содржани во книгата. Во сите поетски циклуси доминира ониристичкиот амбиент создаден преку лудизмот на ноќта со небото, ѕвездите и планетите. Во песните доминира атмосферата на сонот и фантазијата, и наликува на модернистичката заумна поезија на футуристите. Секоја песна сама за себе има свој контекст или контекстот на песната ѝ дава нова смисла на целината на книгата.
Како што вели рецензентот д-р Марина Мијаковска: „Песните се еден вид кратки разговори на поетот со светот, со самиот себе и неговите егзистенцијални дилеми. Поетот е ѕвездочатец што настојува да си ја претскаже иднината. Во ваквиот штимунг создаден како паралелизам меѓу сонот и јавето, денот и ноќта, поетот Шопкиќ употребува фономорфолошки фигури, семантички и синтаксички стилски изразни средства. Стихот најчесто е оркестриран со: метафори, метонимии, реторичко прашање, епитети, итн. Стихот е слободен и разигран, така како што се слободни мислите на сонувачот и патувачот низ несвесното и сонот. Тој е суштински одблесок и времен печат од поетовиот внатрешен сон свртен кон времепловот на бесконечноста или како отворена игра од светлината од ѕвездите низ мракот. Песните се долги во форма, а има и неколку поетски минијатури во кои доминираат анафората и епифората како застапена фономорфолошка фигура“. Поезијата од стихозбирката: „Времеплов на бесконечноста“ e во хармоничен амбиент со симболите на метафизиката. И, природно е поезијата да се држи и врз познатите стилистички постаменти: метафората, синегдохата, синестезијата, асонанцијата, алитерацијата итн. Поезијата е плисок, жива вода, којашто ќе си ги најде процепите да се протне низ раце, во рацете на вистинскиот читател, на тој што ќе знае да ја чита, да ја носи, да ја негува, да ѝ се восхитува…
Најкарактеристична стилска постапка е асиндетонот како изразно средство во кое има нижење на слики, појави, мисли и емоции или претстави за лирскиот предмет без да се употребуваат сврзници. Поетските кули се изградени од вешта низа на: асиндетски и полисиндетски венци, параномазии, хипербола, симбол, контраст и персонификација. Длабочината на поетските фигури и метафори, чистата, острата мисла и прекрасната мелодија на стиховите на љубовната поезија читателите ќе ги прикова на место за овие набабрени стихови и свежиот поетски израз, навистина ќе ги поведат низ времепловот на бесконечноста, каде што ќе ја изгубат секоја смисла за време и место и ќе се соживеат со вистинската поезија.
– Колку време ја пишуваше книгата?
Ч.Ш. Сѐ во животот е минливо. Сите сме конечни. Само уметноста ја има силата, таа моќ, да ја пробие мембраната на времето и да убавее и да опстојува во сите епохи. Целата збирка – создавана подолго време – е потрага по бесконечноста и совршенството, Сознанието дека секој од нас има свое време и дека единствено времето е постојана човечка надеж не значи ништо пред бесконечноста. Јас верувам во бесконечноста на времето, а верувам дека и читателите веруваат.
– Работиш ли веќе на нешто ново?
Ч.Ш. Да. Пред крај сум на создавањето на мојата трета книга – збирка поезија што планирам да биде објавена во текот на наредната 2022 година. И во оваа книга, ѓерданот од бисерни стихови ќе биде нанижан со песни, напишани како писма што испуштаат љубов, како свет на соништата и бајките, со прекрасна порака дека не сме сами и дека не смееме да бидеме тажни сѐ додека го имаме утрото, затоа што утрото е наша радост и синоним за нов почеток.
Секогаш имајте на ум дека со полни џебови камења, не можете да летате, но можете да летате со песни и да напишете прекрасна поезија во која зборовите ќе бидат како чекори по старите сокаци и да се спојуваат и стануваат ЉУБОВ.
Во продолжение е и самата книга во аудио формат за сите оние што го сакаат убавиот поетски збор или, пак, само им ја заголицкавме љубопитноста со ова интервју со нашиот соговорник, Чедомир Б. Шопкиќ. Уживајте!