Во домот за култура „Григор Прличев“ во Охрид преку музички настапи и тетарски изведби во рамки на настанот „Инклузивна Уметност“ лицата со инвалидност од Охрид и Струга вечерва испратија порака за нивна поголема вклученост и рамноправност во рамки на општеството и секојдневниот живот.

Во подготовката на овој настан кој се организира по повод 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, беа вклучени Здружението на слепи лица од Охрид, Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“ од Струга, Здружението на слепи од Струга, Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид и Струга, Здружението „Добротољубие 2014“ при црквата „Св. Ѓорѓија“ од Охрид, Дневниот Центар „Зраци“ од Охрид, Посебната паралелка од ОУ „Браќа Миладиновци“ од Струга и Посебните паралелки од ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.

Секретарот на Здруженеито на слепи од Охрид Славчо Џајкоски истакна дека целта на настанот е јавноста да се запознае со работата на сите организации и да се покажат можностите и способностите кои ги имаат нивните членови и штитеници.

Овој настан има голема важност, со самото тоа што во него се вклучени девет организации кои работат со лица со посебни потреби и се грижат за нивната инклузија во општеството. Во рамки на настанот, освен организирањето на приредбата со музички и театарски точки, организациите ја претстават и својата работа на промотивни штандови.

Сите овие здруженија кои се вклучени во организација на овој настан, во рамки на своите програмски активности, во текот на целата година организираат различни настани во областа на спортот, забавата и културата. Основната цел на овие активности е во сите сегменти на животот да ги инволвираме членовите за да си ги покажат своите способности, а верувајте дека тие имаат многу големи способности, нагласува Џајкоски.

Според него иако постојано се работи, се уште постојат бариери со кои лицата со попреченост секојдневно се соочуваат. Тој изрази надеж дека оваа состојба во текот на наредниот период ќе се подобри и дека ќе успеат да се изборат за поголема вклученост на овие лица во повеќе сегменти од општественото живеење.