Промотивна слика на Самоглас. На сликата има девојка којашто носи слушалки и слуша аудио книга на телефон.

Од неодамна Националниот сојуз на слепите на РСМ стекна уште еден партнер со кој ќе работи на подобрување на условите за живеење за своите членови. Поконкретно, се работи за Здружението за афирмација на уметноста „ФЛУКТУС“, чиј најголем проект е платформата за бесплатни аудио книги „самоглас“. Потпишаниот Меморандум за заемна соработка и меѓусебно разбирање има за цел да го зголеми пристапот до аудио книги што моментално го имаат членовите на НССРСМ. Преку оптимизација во делот со пристапноста на платформата „Самоглас“, се очекува најмалку 60 нови наслови, коишто веќе се на Платформата, да станат пристапни за Лицата со оштетен вид.

 

На потпишувањето на Меморандумот претседателот на НССРСМ Жарко Селковски изрази благодарност за понудената соработка од страна на Здружението „ФЛУКТУС“ и кажа дека соработките од ваков карактер што носат директен бенефит за сите членови на НССРСМ, а посебно за помладите, е од големо значење за подобрување на животот на лицата со оштетен вид.

 

Претседателот на Здружението „ФЛУКТУС“, Христијан Поп-Симонов, изјави дека за нив како Здружение претставува големо задоволство тоа што нивната платформа за аудио книги наскоро ќе стане целосно оптимизирана за лицата со оштетен вид. А фактот што на оваа платформа за аудио книги има голем број лектирни изданија во аудио форма го гледа како една скромна помош и за најмладите членови на НССРСМ, учениците со оштетен вид.

 

Слика од претседателот на НССРСМ Жарко Селковски и претседателот на Флуктус Христијан Поп-Симонов при потпишување на меморандумот за соработка

 

Во однос на самата оптимизација на платформата „Самоглас“ ќе бидат потребни финансии и техничка поддршка, нешто по кое веќе се трага, така што набргу очекуваме и реализација на ова позитивно решение.