Групна фотографија од присутните на промоцијата на инклузивната сликовница

На 24-ти Мај – Денот на сесловенските учители и просветители светите браќа Кирил и Методиј, во Домот на пратеници беше промовирана инклузивната сликовница „Буква по буква – АЗБУКА“ од авторката Гордана Симоновска Момироска. Здружението на слепи на Општина Велес учествуваше во реализација на овој проект со печатење на сликовницата на Брајово писмо.

На промоцијата беа присутни претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Зоран Заев, министерката за образование г-ѓа Мила Царовска, министерката за култура г-ѓа Ирена Стефоска, министерката за труд и социјална политика г-ѓа Јагода Шахпаска, министерот за здравство г-дин Венко Филипче, министерот за надворешни работи г-дин Бујар Османи, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, соработници на проектот и други гости.

 

Премиерот Зоран Заев се ракува со авторот на сликовницата Гордана Симоновска Момироска

 

Промоцијата ја отвори премиерот Зоран Заев, кој кажа дека оваа сликовница, како дел од проектот „Правото да читаш не е посебна потреба“ на здружението на граѓани „Свет на различни и еднакви“ е револуционерна новина кај нас, којашто ги задоволува потребите на сите читатели и овозможува да ја читаат деца со и без оштетен вид, но и возрасните лица со оштетен вид да можат самите да им читаат на своите деца и внуци. Со оваа сликовница, децата и возрасните без оштетен вид, имаат ретка можност, покрај своето, да го запознаат и брајовото писмо, коешто го употребуваат децата и возрасните кои не можат да гледаат.

„Во оваа рационална, но и раскошна „Буква по буква-азбука“, во прв план, глаголиво и говорливо се оживеани триесет и една буква од нашата азбука, кирилицата. А она што треба посебно да се истакне и што заслужува неодминливо внимание е податокот што овој насушно потребен проект е збогатен токму со Брајова и знаковна азбука што првпат се случува во издаваштвото кај нас“, подвлече поетот Горјан Петрески, рецензент и промотор на инклузивната сликовница – буквар, говорејќи и во име на вториот рецензент, писателот Киро Донев, кој беше отсутен од настанот. Петрески, цитирајќи го Тони Пајдаков, секретар на Здружението на слепи лица во Велес, порача дека „покрај едукативниот дел, инклузивната сликовница „Буква по буква – азбука“ е наменета за раниот детски развој и е силна алатка за подигнување на јавната свест за постоењето на лицата со попреченост, (глувите и слепите лица) и за начинот на кои тие се описменуваат. Полезно е да се знаат и гестовната и Брајовата азбука, а наша желба е никому да не му бидат потребни“.

По завршувањето на промоцијата, во опуштена атмосфера, премиерот и членовите на Владата изразија голем интерес за начинот на кој се печати Брајовото писмо. Целиот процес им беше објаснет од Тони Пајдаков – секретар во Здружението на слепите лица на Општина Велес. Добивме силна поддршка за реализација на вакви и слични проекти кои во иднина ќе ги реализираме, проекти кои оставаат белег на нашето време што ќе ја збогати литературата за деца и млади со нови разиграни, ведри и поучни инклузивни изданија, кои ќе влезат во многу домови, градинки, училишта, библиотеки и ќе останат во трајно наследство во детската книжевна ризница.

 

Групна фотографија од дел од присутните на промоцијата на инклузивната сликовница