Под покровителство на Националниот сојуз на слепите на Македонија, Здружението на слепите лица на Општина Велес, во рамките на одбележувањето на јубилејот 70 години од формирањето на сојузот, на 16.11.2016 година, во салата „Бели мугри“ во Велес, за прв пат организира квиз натпревар во кој учествуваше екипа на слепи лица.

Во присуство на градоначалникот на Општина Велес, претставници од институциите од градот, членови на НССРМ од повеќе градови од Македонија и медиуми, преку квиз натпреварот се испрати јасна порака до јавноста за важноста и улогата на адекватниот начин на достапност на информациите до слепите лица, односно нивната нерамноправна положба по однос на ова прашање во секојдневниот живот.

Потребата на слепите лица за самостојно читање, потреба која ја има секој човек, не ја прави посебна, а со тоа и слепите не ги прави лица со посебни потреби. Зар е нешто посебно во потребата за читање? Зар секој човек нема таква потреба и право?

Употребата и практикувањето на Брајовото писмо за слепите лица е само компензационо право со кое се овозможува слепото лице самостојно да добива информации, со што се доведува до рамноправна положба со останатата – видна популација.

На квиз натпреварот уште еднаш јавно му се заблагодаривме на градоначалникот на Општина Велес, г-дин Чадиев, за тоа што овозможи набавка на Брајов печатар кој е ставен во функција не само на слепите лица од Велес, туку и на слепите лица од цела Македонија, па и пошироко.

Манифестацијата музички ја збогатија нашите членови Зорица Велковска и Горан Бошковски во придружба на нашите долгогодишни пријатели, триото „Санта Морена“.

На квизот учествуваа две екипи: првата составена од лица без оштетен вид во состав Горан Здравков и Тодор Крајчев, и втората екипа составена од слепи лица во состав Николина Трајкова и Коце Димов.

На квиз натпреварот беа застапени 4 игри: првата „Да – Не одговори“, втората „A, B, C, D – одговори“, третата „Музички прашања“ и четвртата „Брзи прсти“.

Првите четири прашања од првата игра „Да – Не одговори“, на учесниците им беа поделени во печатена форма на црн печат, со што екипата на слепи не можеше да го прочита прашањето, а со тоа и да го даде својот одговор. Веќе во вториот дел од првата игра, прашањата на двете екипи им беа поделени во печатена форма на Брајово писмо, со што екипата на лица без оштетен вид не можеше да го прочита прашањето, а со тоа не можеше да даде свој одговор.

Во втората игра „A, B, C, D одговори“, прашањата на учесниците им беа делени во печатена форма, но овој пат на секоја екипа на за нив адекватна форма, односно на лицата без оштетен вид на црн печат, а на екипата на слепи во Брајово писмо.

Испративме порака до јавноста дека секој човек треба да ја добие информацијата на начин на кој може да ја прими. Тоа треба да важи за сите информации: дневен печат, документи, книги, белетристика. Само така може сите да бидеме еднакви и никој да не се чувствува дискриминиран.

„Замислете се’ околу Вас да биде напишано на Брајово писмо кое вие неможете да го прочитате, замислете во продавница се’ да биде спакувано во еднобојни кутии на кои ќе има само Брајова ознака – зар ќе можете да го одберете производот кои го барате, замислете да ја добивате сметката за електрична енергија на Брајово писмо… Зар ќе можете да ја уплатите вистинската сума? Зар тогаш нема да бидете доведени во ситуација да побарате помош од некое слепо лице за да ви ја прочита содржината?“ – беа прашањата кои отворено ги поставивме пред популација без оштетен вид. Но за жал реалноста е друга. Слепите лица се принудени да побараат помош од видните, односно ги прави зависни од други лица без оштетен вид.

Третата и четвртата игра „Музички прашања“ и „Брзи прсти“ покажа дека во секојдневниот живот сепак постои и можност кога слепите лица се рамноправни со останатата популација. Прашањата кои им беа поставени на екипите ги добија звучно, така што и двете екипи можеа рамноправно да го покажат своето знаење.

Резултатот после четвртата игра беше изедначен. Ја прославивме победата на рамноправноста и човечноста!

Веруваме дека испративме порака до јавноста, дека успеавме да покажеме дека слепите лица можат да бидат рамноправни со останатата популација. Потребно е само малку труд, само мала компензација на она кое природата и судбината им го одзела. Потребно е да ги слушнеме нивните потреби и во секојдневниот живот да се потрудиме слепите лица да не се чувствуваат занемарени, туку да се чувствуваат како рамноправни чинители во нашето општество – а верувајте дека и заслужуваат!

Следната година на истото место, ќе очекуваме да проследиме натпреварувачки квиз на знаење помеѓу екипи од сите здруженија на слепи од Македонија.

До тогаш ќе течат нашите силни заложби за изедначување на правата на слепите лица со останатата популација, ќе делуваме за ублажување на проблемите со кои се соочуваат слепите лица.