Брајов екран Braille Edge 40

Денес живееме во едно дигитално општество опкружени со голем број на дигитални уреди. Иновациите во технологијата се користат за извршување на секојдневните обврски, за едуцирање, за играње игри, за гледање филмови или слушање музика, и за комуницирање на едни со други, што е особено важно во овој период кога целиот свет се бори со пандемија. Слепите и лицата со оштетен вид не заостануваат многу во овој поглед, односно живеат и ги користат дигиталните технологии за сѐ она за кое ги користат и луѓето без оштетувања на видот. Во оваа статија накратко ќе ги објасниме најчестите хардверски и софтверски адаптации на дигиталните уреди (компјутерите и телефонот) што ги прават слепите и лицата со оштетен вид еднакви во дигиталниот свет споредено со лицата без оштетувања на видот.

Асистивни технологии за слепи и луѓе со оштетен вид (преглед)

Напочетокот ќе кажеме дека слепите лица и лицата со оштетен вид ги користат истите компјутери, телефони, и таблети кои што ги користат и луѓето што гледаат. Покрај тоа, слепите лица ги користат истите програми и апликации како и сите останати луѓе. Тука доаѓаме до прашањето: „Која е разликата?“?

Главната разлика е во тоа што покрај стандардните хардвер и софтвер, лицата со оштетен вид користат и додатни хардверски и софтверски компоненти, попознати под поимот „асистивна технологија“.

Под терминот „асистивна технологија за лица со оштетен вид“ се подразбира хардвер или софтвер кој што е наменет да го диференцира стандардниот визуелен пристап до компјутерските функции, на компјутерите, телефоните, таблетите, или некои други дигитални уреди. Кога станува збор за асистивни технологии за лица со оштетен вид, тука спаѓаат говорните програми, Брајовите екрани, и дигиталните лупи.

Говорни Програми

Говорните програми се софтверско решение за претворање на визуелните елементи на екранот во звучна (аудио) форма, којашто со помош на гласовна синтеза се обработува во звук сличен на човечкиот говор. Покрај тоа, говорните програми служат како основа за Брајовите екрани, за коишто може да прочитате подолу.

Во денешно време, најголемиот дел од дигиталните уреди имаат вградена говорна програма. На пример, Microsoft Windows оперативните системи доаѓаат со Narrator, Андроид уредите имаат Talkback, додека уредите на Apple ја користат говорната програма VoiceOver.

Покрај Narrator, за Windows постојат и други говорни програми меѓу кои најпопуларни се NVDA и JAWS. Првата од нив, NVDA која што е кратенка од NonVisual Desktop Access, е бесплатна со отворен изворен код и се користи од повеќето лица во Северна Македонија. За да ја спуштите програмата на вашиот компјутер, може да кликнете тука.

За разлика од NVDA, JAWS (Job Access With Speech), е комерцијален продукт кој што има слични функционалности, но бидејќи изворниот код на оваа програма не е јавно достапен, главно се користи во бизнис-секторот од страна на слепите лица поради безбедносни причини.

Овие говорни програми генерално се управуваат преку тастатурата, но во поретки случаи нив ги користат и лицата со мал остаток на видот користејќи го компјутерското глувче. Функционираат така што се синтетизира вештачки говор налик на човечки глас за оној објект или текст што е селектиран со системскиот курсор. Лицата коишто користат говорни програми со честото користење на говорната програма ги учат на памет тастатурните кратенки за брзо навигирање и многу брзо можат да се снајдат и да креираат „ментална мапа“ на веб страната или апликацијата што ја користат. Од друга страна, кога се користи паметен телефон или таблет, говорната програма се користи со модификувани гестикулации (допирање, тапнување и свајпање по екранот). На пример, кога лицето го движи својот прст на екранот, говорната програма го чита тоа што се наоѓа под прстот. Штом лицето дојде до копчето што го бара на екранот, со двојно тапнување го активира, додека без говорната програма потребно е само едно тапнување.

Голем дел од луѓето денес користат делови од говорна програма без да го знаат тоа. На пример, GPS-уредите или апликациите за навигација на телефон доаѓаат со вградена говорна програма која што на возачите им ги кажува насоките и ги чита имињата на улиците, па возачот без да има потреба од гледање во мапата може да навигира во сообраќајот.

Како што белиот стап е најдобриот пријател на слепиот човек кога станува збор за ориентација и мобилност во физичкиот свет, така говорната програма претставува најзначајно помагало за овие лица во виртуелниот свет. Модерните говорни програми се толку унапредени што овозможуваат примање на информации со брзина од преку 600 збора во минута, додека луѓето кои што гледаат во просек можат да прочитаат околу 250 збора во една минута, што значи, во некои делови слепите луѓе со помош на оваа алатка се станати супериорни во поглед на луѓето без оштетен вид.

Брајови екрани

Брајовите екрани се користат во тандем со говорните програми. Како што споменавме погоре, говорната програма ги претвара визуелните елементи во текст, но во овој случај тој текст наместо да се пренесе звучно со помош на гласовна синтеза, се претвара во дигитален сигнал. Овој сигнал за само неколку милисекунди се трансформира во брајово писмо на брајовиот екран, на кој се поткреваат минијатурни пластични иглички што симулираат јасно читлив брајов текст. Откако ќе се прочита тој текст, лицето може да премине на следниот ред, така екранот ги спушта точките што претходно биле кренати, и во зависност од новиот текст крева други точки.

Брајов екран Braille Edge 40

Најголемиот дел од Брајовите екрани поддржуваат читање на само еден ред текст во исто време, но има и поскапи варијанти кои што овозможуваат читање на повеќе редови истовремено.

Овие екрани во најголем дел се користат од слепоглуви лица, но исто така се користат и од голем дел слепи програмери на кои што им se убрзува работата при брзо пребарување на код кој што пријавува синтаксички грешки, и каде што се битни интерпункциските знаци и симболи. Притоа особено се добри и за помладите слепи луѓе што се во процес на образование со цел усовршување на правописните правила, понатаму одлични се за учење нов јазик каде што е важно спелувањето итн.

Дигитални лупи

Во денешното дигитално општество, овој вид на асистивна технологија е една од најкористените технологии и тоа не само од лицата со оштетен вид. Дали некогаш сте искористиле „зумирање“ на некоја слика за да си ги проверите брчките? Дигиталната лупа има различни форми, и најчесто доаѓа вградена во програми за манипулација на текст или слики, но исто така постојат и специјални програми за вршење на таа функција и зголемување на специфични делови на екранот.

Windows оперативниот систем доаѓа со вградена програма која што се вика Magnifier и овозможува стрелката на глувчето да се претвори во лупа. Доколку програмата што се користи нема можност за зголемување на информациите кои што се прикажуваат на екранот, со помош на дигиталната лупа се пристапува до посакуваната големина. Покрај зголемувањето, овој тип на програми често доаѓаат и со опција за инверзија на боите за да се намали блесокот на содржини кои што имаат светли позадини.

Демонстрација на дигиталната лупа на Windows каде што се гледа зголемувањето на копчето за пребарување на веб страната на Google

Андроид и Apple уредите исто така имаат вградени дигитални лупи кои што се контролираат со помош на гестикулации и се користат за селективно зголемување на елементите на екранот.

Во наредниот период ќе зборуваме поодделно иво детали за гореспоменатите технологии, затоа не заборавајте повторно да го посетите сајтот на НССРМ.