На 20-ти октомври, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, прими претставници на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, по повод одбележувањето на 70 годишниот јубилеј од основањето на организацијата.
Претставниците на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија го запознаа претседателот Иванов со тековните и идни активности на организацијата, со досегашните постигнати резултати во насока на унапредување на положбата на слепите лица, особено во однос на образованието и вработувањето.
Претседателот Иванов изрази поддршка за активностите на Националниот сојуз на слепи, и истакна дека и натаму ќе се залага за унапредување на правата на слепите лица, како преку подобрувањето на законската легислатива, така и преку нејзино доследно имплементирање.
„Државата и општеството во целина мора да водат континуирана и системска грижа за слепите лица. Потребен е заеднички и координиран пристап преку конкретни механизми за унапредување на нивните права и нивната положба. Особено е важен и ангажманот на локалните институции, на општините, како и поддршката на семејствата на слепите лица”, порача на средбата македонскиот претседател.
Претставниците на Националниот сојуз на слепите изразија благодарност до претседателот Иванов за неговата сестрана поддршка и неговите лични залагања за лицата со инвалидност и изразија задоволство од соработката со државните институции.
„Во изминативе 5-6 години имаме неверојатна плодна соработка со сите институции во Република Македнија. Отворен е дневен центар за деца од пред-школска возраст и се реализирани многу други проекти во насока на унапредување на правата на слепите”, изјави Коце Димов од Националниот сојуз на слепите на Република Македонија. Тој подвлече дека во иднина нивната организација ќе се фокусира на изготвување на закон за кучиња – водичи и организација на пензионерски дом за згрижување на слепи лица.
По повод 70 годишниот јубилеј насловен „70 години Визија за Светлина”, Националниот сојуз на слепи на Република Македонија му додели „Златна плакета” на претседателот Иванов, што е највисокото признание на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија, кое се доделува за особени заслуги за подобрување на правата на оваа категорија на граѓани.
Основна цел на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, кој е формиран во 1946 година, е создавање на подобри услови за живот и работа на слепите лица во нашата држава. Во организацијата членуваат повеќе од 2550 слепи и слабовидни лица од целата територија на Република Македонија.
Извор: http://president.mk/mk/2011-06-17-09-55-07/2011-09-03-11-36-59/4126.html