Лого на НССРСМ

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија (НССРМ) е основан во далечната 1946 година. Во 2009 година, според одлука број 10-12345/20, издадена од Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, НССРМ се стекна со статус на национална инвалидска организација и како таква е идентификувана во Регистарот на инвалидските организации при Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија.

НССРМ во Република Македонија е единствена национална инвалидска организација, невладина, непартиска, непрофтина, која ги застапува лицата со оштетен или целосно загубен вид односно слепите и слабовидни лица. НССРМ претставува чадор организација во која членуваат околу 2.500 слепи и слабовидни лица со оштетување на видот од 90 до 100 проценти, организирани во 17 општински и меѓуопштински здруженија на слепи лица – членки на НССРМ.

Почнувајќи уште од далечната 1946 година НССРМ континуирано се залага за остварување на сите човекови права на слепите лица вклучувајќи го правото на писменост, правото на образование (во посебните образовани институции и во редовните училишта и универзитети), правото на рехабилитација, вработување и адаптација на работната средина, независно живеење со помош и поддршка обезбедена од страна на персонални асистенти и тифло-технички помагала, правото на учество во спортски и рекреативни активности (организирање на натпревари и други спортски, рекреативни, културни настани, концерти и програми), и правото на пристапност и достапност до информации (издавање на материјали на Брајово (релјефно) писмо, како и во електронски формат и аудио формат).

Најприоритетна цел во остварувањето на овие заложби на НССРМ е комплетно анимирање на членството, активно инволвирање и организирање на лицата со оштетен вид од една страна како и сите заинтересирани лица и пошироката јавност од друга страна со цел подобрување на квалитетот на живот на слепите лица како поединци, но истовремено и на изгледите на целосното и активно учество на слепите и слабовидни лица во животот во Македонското општество. Сето ова се одвива преку истакнување на способностите, слободата на избор и еднаквиот статус на слепите лица, притоа барајќи тие да имаат околина која е приспособена на нивните потреби.

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија Ве поканува на 20.10.2016 година (четврток) во ДОМ НА АРМ на СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА по повод јубилејот 70 години од формирање на НССРМ, Визија за Светлина, 70 години Ништо за Нас – Без Нас, 70 години Темел во современата македонска држава, 70 години Симбол на постојаниот стремеж и непребол за достоинствен живот.

На настанот ќе бидат доделени златни плакети за заслуги за слепите лица и плакети.

Добитници на златни плакети се: М-р. Никола Груевски, Д-р. Елизабета Канчевска-Милевска, Г-дин Диме Спасов, Г-дин Спиро Ристовски, Н.Е. Д-р. Ѓорге Иванов, г-дин Димитар Дерменџиевски – прв претседател и основач на сојузот, г-дин Жарко Селковски претседател на НССРМ.

Плакети за заслуги добиваат и: Сојузите на слепите на Албанија, Црна Гора, Србија, Косово, Бугарија, Г-дин Коце Димов претседател на Националната спортска федерација на слепите на Македонија, Д-р. Горанчо Јаќимов – дирекот на ДУРДМОВ Димитар Влахов, Г-дин Ѓоко Велковски и Г-дин Марјан Гијовски од МТСП.

На настанот ќе бидат прочитани и добитници на благодарници од естрадата, медиумите, јавни личности, политичари, пратеници.

19.30 часот-СВЕЧЕН ПРИЕМ

20.00 часот-СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА