Во рамките на одбележување на 15-ти Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, Здружението на слепите лица на Општина Велес, во соработка со Локалната самоуправа и Комисијата за заштита од дискриминација, на 02.10.2015 година, со почеток во 10 часот, во големата сала на Општина Велес, организираше трибина на тема „Презентација на Законот за спречување и заштита од дискриминација и работата на Комисијата за заштита од дискриминација“. Предавач на трибината беше г-дин Душко Миновски – претседател на Комисијата за заштита од дискриминација. На трибината, покрај нашите членови, беа присутни и претставници од Општина Велес, Подрачната единица на Фондот за ПИО, основните училишта и детските градинки во Велес.
Во уводниот дел на трибината, г-дин Миновски ги запозна присутните со Законот за спречување и заштита од дискриминација и со работата на Комисијата за заштита од дискриминација. Во продолжение се отвори дискусија со конкретни примери на дискриминација на наши членови во нивниот секојдневен живот, а особено во областите: дискриминација по основ на инвалидност, дискриминација по основ на правото на слободно движење, дискриминација по основ на правото на образование и дискриминација по основ на правото на пристап до информации.
Заклучок од оваа средба е дека Комисијата треба да биде повеќе застапена во медиумите, со цел граѓаните да бидат подобро информирани за постоењето и нивната работа. Подигнувањето на јавната свест треба да биде приоритет во работата на оваа Комисија, со што степенот на дискриминација ќе се сведува на што е можно помал степен. На крајот, претседателот на Комисијата во негово име, и во име на организаторите се заблагодари на присуството.