Во претходната статија пишувавме за основно навигирање на ајфон со говорната програма војсовер, како и нејзино вклучување и исклучување.
Во оваа статија, пак, ќе ви покажеме како да го прилагодите јазикот на говорната програма војсовер и јазикот на оперативниот систем на телефонот, за полесно да ви е користењето на ајфонот во случај кога англискиот јазик не ви е силна страна.
Како што беш еспомнато во претходните статии, војсовер нема синтетизиран глас на македонски јазик, но, дополнителен недостаток при користењето ајфон е и немањето македонски јазик во листата со системските јазици на иОС. Најблизу што може да се дојде до јазик разбирлив за зборувачите на македонскиот јазик, којшто може да се користи со војсовер е комбинацијата од хрватскиот јазик на оперативниот систем на иОС со чешката или словачката говорна синтеза на војсовер. И двете читаат хрватски текстови, но имаат различен нагласок, така што ќе треба да ги пробате и двете варијанти за да откриете кој од чешкиот или словачкиот глас ви звучи поразбирливо.
Местење на јазик на војсовер
За да го смените јазикот на чешки или на словачки, направете го тоа следејќи ги следниве чекори.
- Отворете сетингс
- Со свајпање или скролање, најдете и отворете Accessibility
- На горниот дел од екранот, најдете и кликнете каде што вели: VoiceOver, On
- Свајпнете и кликнете на Speech
- На најдолниот дел од екранот, најдете и кликнете Add New Language
- Во листата со јазиците пронајдете го словачкиот или чешкиот јазик (Slovak или Czech)
- Откога ќе додадете еден од нив, притиснете повторно на Add New Language и додадете го и другиот јазик
Откога ќе ги додадете чешкиот и словачкиот синтетизиран глас, време е да научите како да направите војсовер да ви чита со тие јазици наместо со Англиски. А за да се направи тоа потребно ни е да се запознаеме со една од напредните функции на ајфон, функцијата ротор.
Вовед во роторот
Роторот на војсовер е функција што ви овозможува брзо движење низ зборови, букви, реченици, веб-елементи на интернет како хединзи, линкови и др. Меѓу опциите што се понудени во роторот е и опцијата за брзо движење низ јазиците што се додадени во војсовер.
За да се користи функцијата ротор, потребно е за тоа да користите два прста, од кои едниот ќе биде позициониран фиксно на екранот а другиот ќе ротира (црта круг) околу фиксниот прст. За ова движење некои корисници ги користат двата палци од двете раце, или, пак, го држат телефонот со едната, а со другата ги користат показалецот и средниот прст (како цртање круг со шестар), или, пак, ги користат палецот и показалецот како да отвораат капаче на шише. Пробајте ги овие варијанти и видете која вам најмногу ви одговара.
Во суштина, опциите од роторот се наредени во круг, и цртајќи круг со подвижниот прст, вие се придвижувате од една на друга опција, како што и стрелките од часовникот се движат од една бројка до друга.
Опцијата што вие треба да ја пронајдете користејќи го роторот на начинот како што го опишавме погоре е language (ленгвиџ). Потоа со брзо свајпање со еден прст нагоре или надолу по екранот, ќе можете да се движите низ јазиците што ги додадовме погоре. Но засега, останете со Англиски бидејќи потребни се уште малку модификации за да можете слободно да го користите телефонот на Хрватски јазик.
Местење на системскиот јазик
За да го смените системскиот јазик на телефонот, применете ги следните чекори.
- Отворете сетингс
- Доколку сеуште сте во екранот за додавање на јазици, притиснете го копчето за назат (back button) неколку пати. Тоа се наоѓа на ќошот на горниот лев дел од екранот.
- Во главниот екран од сетингс, најдете и отворете General
- Овде, најдете и отворете Language & Region и кликнете на iPhone Language на горниот дел од екранот.
- Во листата со јазици, скролајте и пронајдете Hrvatski, Croatian и кликнете на тоа
- Откога ќе кликнете на Хрватски, телефонот ќе ве праша дали сте сигурни дека сакате да го промените јазикот. Само притиснете Change to Croatian и почекајте неколку секунди да се извршат сите јазични промени.
Откога јазикот на телефонот ќе се смени и доколку претходно го оставивте роторот на делот на менување на јазик (language) како што објаснивме во вториот дел од оваа статија, само направете свајп нагоре или надолу за да се движите низ јазиците на војсовер.
Доколку уште не ви е роторот наместен на јазик, вратете се и погледнете уште еднаш како се користи роторот во делот од статијата насловен Вовед во роторот.
Накратко, ја одбирате опцијата за јазик (language) или сега, поради тоа што телефонот е со хрватски оперативен систем и синтетизиран глас за англиски тоа ќе го изговори како језик/џезик, овде со свајп нагоре или надолу со еден прст ќе може конечно да го одберете чешкиот, односно словачкиот глас и да видите кој од тие два гласа е поразбирлив за вас.
Впрочем, ова е начинот како се менува јазикот на војсовер и на системскиот јазик. Но, во следните статии, за да не се изгубиме едни со други во објаснувањето, нашите инструкции овде, на сајтот на НССРМ, ќе бидат на англиски јазик, а вие истите чекори слободно може да ги применувате и со оперативен систем сетиран на хрватски или кој било друг јазик што ви е најразбирлив. Во следната статија ќе се запознаеме малку поубаво со роторот, а до тогаш продолжете да ги читате и статиите што се важни за лицата со оштетен вид и од другите области за кои пишуваме паралелно.