Лого на НССРСМ

Од 18.10.2022 до 27.10.2022 во Шпанија — Понтеведра, се одржа младинска размена за лица помеѓу 18 и 30 години, на тема „Нула отпад“ (Zero Waste), којашто беше дел од програмата „Еразмус+“. На оваа младинска размена од нашата држава учествуваа секретарот на НССРСМ, членови на НССРСМ и нивни асистенти: Блаже Зафиров, Глигорчо Самарџиски, Харис Црновршанин, Ана-Марија Јаворник, Лилјана Чукаркова и Лора Чаушевска. Учесниците од нашата држава имаа можност да се дружат со млади лица, учесници на проектот од Бугарија, Грција, Франција и Шпанија.

Слика од Блаже, Лиле и други учесници за време на една од активностите

Главната тема на проектот беше „Нула отпад“ односно како да се дојде до еден поприроден и помалку загадувачки начин на живот за намалување на отпадот, како на индивидуално така и на општествено ниво. Во процесот на учење беа опфатени 5 главни теми:

    Рециклирање

Во овој дел се обрна внимание на методите за рециклирање на разни материјали со кои една личност се соочува во секојдневниот живот, како на пример пластика и стакло.

    Повторна употреба

Во овој дел учесниците беа поттикнати да употребуваат предмети за повеќекратна употреба наместо да употребуваат предмети што ќе бидат фрлени во корпа по првата употреба. Примери за ова се користење стаклено шише за вода наместо купување пластични шишиња кои што на крај завршуваат како ѓубре што ја загадува природата, или користење платнена торба за пазарување наместо пластични кесиња.

    Намалување на отпад

Во овој дел се изучуваа стратегии за намалување на секојдневниот отпад, каков што е пластичниот прибор за брза храна. Тој се употребува само еднаш и потоа треба да биде фрлен, така се придонесува кон загадување на природата. Нместо тоа, учесниците беа потикнати да ги заменат своите постоечки навики на купување храна во амбалажа за еднократна употреба со поздрави навики на хранење, како носење домашна приготвена храна со цел да го намалат загадувањето. Таков пример е и носењето свој прибор за јадење наместо користењето пластичен прибор за еднократна употреба, или купувањето облека од природни рециклирачки материјали што нема да ја загадуваат природата откога ќе се фрлат.

    Одбивање – кажи не на отпад

Во овој дел се учеше за моралните вредности на една личност вклучувајќи го тоа на што сè треба да биде спремна една личност да каже не, да ги отфрли тие работи од својот живот што влијаат штетно на природата. Како пример, тука може да се земе потполното отфрлање на користењето на батериите за еднократна употреба, коишто придонесуваат кон правење огромна штета со нивните нераспадливи хемиски соединенија, и нивно заменување со батерии на полнење за повеќекратна употреба.

    Компост за поздрава природа

Во овој дел учесниците учеа за вредноста на компостирањето. Наместо органското ѓубре да биде измешано со друг вид отпад некаде каде што само ќе испушта смрдеа и нема да има никаков позитивен ефект, тоа може да се искористи како здраво ѓубриво за поздрава и позелена природа околу нас.

Групна слика од сите учесници на младинската размена за време на активноста за компостирање

Покрај споменатите теми за кои учесниците учеа и посветија внимание, тие имаа можност и да се дружат меѓусебно со младите учесници од други земји и да изградат прекугранични мултикултурни пријателства.

Проектот „нула отпад“ се спроведе во партнерство со шпанската организација „Ticket2Europe“, со кои НССРСМ однеодамна започна соработка за организирање и спроведување проекти во рамки на програмата Еразмус+.

За крај, ве потсетуваме редовно да ја посетувате нашата веб страница почесто и следете нè на социјалните мрежи за да бидете во тек со идните проекти во кои НССРСМ ќе биде вклучен, како и да добиете можност за учество во нив.