Лого на НССРСМ

Во периодот 08.11.2022 — 11.11.2022, Генералниот секретар на НССРСМ, Глигорчо Самарџиски, заедно со членот и ИТ администратор, Блаже Зафиров, како и младиот член Бојан Костадиновски учествуваа на Конференција за меѓународна соработка и размена на искуства, на која учествуваа организации од регионот на Југоисточна Европа (Хрватска, Србија, Република Српска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија). Конференцијата се одржа во Загреб, Хрватска.
Блаже, Глигор и Бојан заедно со претседателот на сојузот на слепи на Црна Гора
На конференцијата по воведните говори на директорката на Хрватскиот сојуз на слепи, Андреја Вељач, претседателот Војин Периќ и претставници на министерствата, се оддржа панел-дискусија на која секоја од државите учеснички презентираше примери за добра практика, по што следеше дискусија и размена на искуства помеѓу присутните.
Панел-дискусијата се состоеше од следните панел-сесии:
1. Сесија 1: позицијата на организациите на лица со попреченост како граѓански организации од посебен интерес за државите;
2. Сесија 2: посебно и инклузивно образование и обезбедување адаптирани учебници и специјализирани дидактички алатки за ученици со оштетен вид;
3. Сесија 3: Права и можности на слепите и лицата со оштетен вид и иницијативи за подобрување на нивното самостојно живеење;
4. Сесија 4: Средства за компензација за зголемени животни трошоци поради оштетување на видот – примери на добра практика;
5. Сесија 5: презентација на резултатите од проектот ДАНОВА – иновативни транспортни услуги за слепи и патници со оштетен вид со цел да се зголеми мобилноста на лицата со оштетен вид во Југоисточна Европа; Овде се зборуваше и за обезбедување дигитална пристапност и за започнување иницијативи во рамките на заедничкиот јазичен простор.
Групна фотографија од сите присутни во конференциската сала
Генералниот секретар и членовите на НССРСМ имаа активно учество во петте сесси од панел-дискусијата зборувајќи за личната и образовната асистенција како новина во нашата држава, ја презентираа состојбата со образованието на учениците и студентите со оштетен вид во државата, ја претставија состојбата за дигиталната пристапност и останатите права што се поврзани со слепите во Републиката.
Покрај панел дискусијата, учесниците на конференцијата го посетија Музејот на Град Загреб, ги видоа просториите на Хрватскиот сојуз на слепи и се запознаа со услугите што овој сојуз ги нуди за своите членови, ја посетија Хрватската библиотека за слепи и Тифлолошкиот музеј.
На крајот од конференцијата ја проследија претставата „Подморница“, којашто имаше аудио дескрипција и беше во изведба на Драмското студио за слепи и слабовидни лица „Нови живот“ во театарот „Видра“.
НССРСМ овде изразува честитки до Хрватскиот сојуз на слепи (Hrvatski savez slijepih), за одличната организација на конференцијата, како и за топлото гостопримство.