Човек на тротоар ја испитува улицата со бел стап

Драги читатели, во статијата насловена „Што е бел стап?“, ви ветивме дека ќе следат серија текстови за белиот стап, затоа овој пат решивме да ѕирнеме низ историјата и еволуцијата на белиот стап, како и неговиот статус како симбол и едно од најважните помагала за слепите луѓе ширум светот.

Белиот стап не е само помагало што може да се искористи за да се постигне независност; тоа е исто така и симбол на слепите лица во нашето општество.

За да ги испочитуваме многуте достигнувања на слепите и лицата со оштетен вид и да го препознаеме значењето на белиот стап во унапредувањето на независноста, ние го одбележуваме 15-ти октомври секоја година како меѓународен ден на белиот стап.

Денес, белиот стап се смета како помагало и симбол на слепите лица, но тоа не било секогаш така.

Во пракса низ историјата, за слепиот човек постојат два начина на движење, и тоа:

  • Движење со водич – овде може да станува збор за друго лице што гледа или куче-водич, за кои ќе пишуваме во иднина и
  • Самостојно движење – што речиси без исклучок се случува со помош на белиот стап каков што го знаеме денес, односно каков било стап во минатото.

Имено, записите датираат уште од библиските времиња кој прикажуваат дека пастирскиот стап се користел како помагало за самостојно движење. Слепите лица користеле вакви несофистицирани дрвени стапови како помагала за да ги избегнат пречките на нивниот пат и во антиката и во средниот век.

Белиот стап, каков што го познаваме денес, бил промовиран за употреба од слепите лица како помагало, но дополнително и како симбол за да ги предупреди другите за фактот дека тој што го користи е слеп дури во почетокот на дваесеттиот век.

Новата улога на белиот стап потекнува од децениите помеѓу двете светски војни, почнувајќи од Европа, а потоа се проширила и во Северна Америка.

Прв човек што го обоил обичниот дрвен стап во бело и на некој начин се смета за иноватор на модерните бели стапчиња  бил англискиот фотограф Џејмс Бигс од Бристол, којшто  тврдел дека го измислил модерниот бел стап во 1921 година. Тој го изгубил видот поради несреќа, па така, чувствувајќи се загрозен од зголемениот сообраќај на моторни возила околу неговиот дом, Бигс решил да го обои стапчето бело за да биде повеќе воочлив за возачите.

По десет години од иновацијата на Бигс, белиот стап почнува полека полека да го наоѓа своето место во општеството. Во февруари 1931 година, Гили д’Хербемонт започнала кампања за користење на белите стапови ширум Франција. Кампањата била објавена во британските весници, по  што предизвикала поттикнување на слична кампања спонзорирана од Ротари-клубовите низ цела Велика Британија.

Во мај 1931 година, Би-би-си во своите радио-преноси сугерирале дека на слепите лица треба да им се обезбеди бел стап, кој ќе стане универзално признат како симбол што покажува дека некој е слеп или слабовиден.

Слепа жена се движи по тротоар со помош на бел стап

Во Северна Америка, воведувањето на белиот стап им се припишува на интернационалните Лајонс-клубови. Во 1930 година, еден член на Лајонс-клубот гледал како слеп човек се обидува да се пробие низ прометна улица користејќи стап кој бил обоен со црна боја. Воочувајќи дека црниот стап едвај бил видлив за возачите, Лајонс-клубот решил да го обои стапот во бела боја за да ја зголеми видливоста за возачите што поминуваат.

Во 1931 година, интернационалниот Лајонс-клуб започнал национална програма за промовирање на употреба на белиот стап за лицата кои биле слепи. Во текот на 1920-тите и 1930-тите, слепите лица оделе со стап, користејќи ја дијагоналната техника со фиксирана позиција, а белиот стап добил улога на симбол и идентификација.

Но, кога слепите ветерани од Втората светска војна се вратиле во Америка, формата и употребата на белиот стап биле дополнително изменети во обид да им се помогне на слепите  ветерани за да можат повторно да се снаоѓаат во животот.

Доктор Ричард Хувер дополнително го изменил белиот стап со тоа што ја зголемил неговата должина и го развил Хуверовиот метод за движење со бел стап. Овие бели стапови биле дизајнирани да се користат како сретство за движење и го вратиле стапот во првобитната улога како помагало за движење, но ја задржале и функцијата на симбол за идентификација што дошла со белата боја.

Во овој период, белиот стап започнал да се провлекува во владината политика како симбол за слепите лица. Првиот законски пропис за белиот стап бил донесен во декември 1930 година во Пеорија, Илиноис, кој на слепите пешаци им давал предимство при минување улица додека носеле бел стап.

Во 1935 година, Мичиген започнал да го промовира белиот стап како видлив симбол за слепите лица. На 25 февруари 1936 година, во градот Детроит била донесена уредба со која се признава белиот стап како помагало и симбол за идентификација. За да се промовира новата уредба, се одржала промоција во Градското собрание каде на слепите лица и лицата со оштетен вид им биле презентирани и поделени бели стапови.

Следната година, Доналд Шур ја напишал одредбата за нацрт-законот и го предложил во законодавниот дом на државата Мичиген. Законот им овозможил на слепите луѓе поголема безбедност додека се движеле на улиците во Мичиген. Гувернерот Френк Марфи го потпишал законот во март 1937 година.

За време на раните 60-ти години на минатиот век, неколку државни организации и агенции за рехабилитација што им служеле на слепите и лицата со оштетен вид на граѓаните на САД го повикале Конгресот да го прогласи 15-ти октомври за Ден на Белиот стап во сите педесет држави.

На 6 октомври 1964 година, на иницијатива на многубројните организации и агенции за рехабилитација на лицата со оштетен вид, конгресот ја потпишал заедничката резолуција, со која се овластува претседателот на Соединетите Американски Држави да го прогласи секој 15-ти октомври за „Ден на белиот стап“.

Во резолуцијата стоело: „Решено е од Сенатот и Претставничкиот дом дека Претседателот е овластен да издава годишно проглас со кој 15-ти октомври е означен како Ден на белиот стап и се повикуваат луѓето на Соединетите Американски Држави да го одбележат ваквиот ден со соодветни настани и активности “. Неколку часа по усвојувањето на резолуцијата на Конгресот, претседателот Линдон Џонсон влегол во историјата како првиот претседател кој го прогласил 15-ти октомври за Ден на белиот стап.

Во претседателскиот проглас било истакнато значењето на употребата на белиот стап и како помагало и како видлив симбол. Во првиот проглас за бел стап, претседателот Џонсон ги пофалил слепите луѓе за растечкиот дух на независност и зголемената решеност да бидат самостојни и достоинствени. Дел од она што го кажал било: „Белиот стап во нашето општество стана еден од симболите на способноста на слепиот да се движи самостојно.“ Неговата употреба промовирала учтивост и можност за самостојно движење на слепите на места каде што сакаат да стигнат.

Во текот на повеќето години од 1964 година, претседателот го прогласувал 15-ти октомври за Ден на Белиот стап.

Денес закон за движење со бел стап постои во речиси сите држави во светот, којшто им дава на лицата со оштетен вид правен статус во сообраќајот.

Така и во нашата држава, според член 20 став 1 од Законот за безбедност во собраќајот стои дека: „Во Република Северна Македонија слепите лица, кога самостојно учествуваат во сообраќај како пешаци, задолжително треба да носат бел стап – како знак за распознавање.“

Накратко тоа е историјата на белиот стап. Во наредниот период следат уште статии поврзани со ова помагало, така што продолжете да навраќате на nssrm.org.мк и да ги читате нашите постови.