Графички приказ за мерење на висината на белиот стап

Во статијата „Какви видови бел стап постојат?“ ги опишавме различните карактеристики на белите стапови, различните функции, разликите во цената и сл. Кога на овие карактеристики ќе се додаде и потребата на корисникот на белиот стап, веќе можеме да знаеме каков треба да биде еден бел  стап за да биде од полза за едно лице со оштетен вид.

 

Правилниот избор на квалитетен бел стап, со соодветна должина и врв, според нашето искуство, е клучен, како за почетниците, така и за напредните корисници на бел стап. Првите при погрешен избор ќе добијат лажен впечаток дека движењето со бел стап е небезбедно и лошо искуство, додека вторите ќе имаат поголем ризик од добивање некоја телесна повреда (ако стапот е прекраток или предолг или користат врв што се заглавува во пукнатините на патеката). За да се избегнат овие несакани моменти, решивме во оваа статија накратко, информативно да ве запознаеме со применливоста на карактеристиките на белите стапови. Секако најдобро за секој корисник е да има можност својот бел стап да го одбере во консултација со специјалист за ориентација и мобилност, којшто ќе ги разгледа сите други фактори покрај оштетувањето на видот, како грубата и фината моторика на корисникот на белиот стап, неговите рефлекси, физичката спремност, карактерот, возраста итн., но во недостиг на такви лица во државава, според нашето повеќе годишно искуство, ќе се обидеме да ви ги дадеме најдобрите можни совети од практиката, коишто функционираат во поголем број случаи.

 

Колку треба да биде долг белиот стап?

 

Првата и можеби најбитната карактеристика на белиот стап е неговата должина, за која може да се каже дека во моментов има главно две гледишта, и тоа:

  • Белиот стап да биде во висина на градната коска или срцето на корисникот и
  • Белиот стап да биде во висина на лицето на корисникот (помеѓу брадата и веѓите).

 

Историски, белите стапови, пред стотина години и повеќе, кога биле направени од дрво, најчесто биле во висина на стомакот на корисникот. Потоа со развојот на аломиниумските стапови, развојот на хуверовиот метод на тапкање на стапот лево — десно, должината на стапот се зголемила до градниот кош, но во последните дваесетина години сѐ повеќе слепи луѓе сакаат да користат подолг бел стап, обично во висина на нивното лице. Разбирливо е што на почетокот стаповите биле толку кратки, дрвото е тешко, плус и немало некоја посебна техника за нивно користење, тие служеле повеќе за потпора отколку за ориентација. Но дилемата денес е, дали да се користи стап во висина на срцето или во висина на лицето на корисникот? Според некои истражувања, подолгиот стап е десетина проценти подобар за детектирање на високи пречки како столбови, бандери и слично, додека за детектирање дупки и не е забележана некоја значителна предност. Попластично кажано, ако дневно испешачиме неколку километри и сретнеме 100 бандери на нашиот пат, користејќи го подолгиот стап ние би се судриле со 10 бандери помалку користејќи го подолгиот стап, што воопшто и не е лошо! Ние како активни корисници на бел стап во Скопје резултатите од ова истражување ги имаме тестирано и во пракса помеѓу хаотичниот распоред на тротоарите полни со билборди, сообраќајни знаци, столпчиња и сл. и забележуваме дека се потврдуваат наодите дека подолгите стапови во висина на лицето подобро заштитуваат од пократките во висина на срцето, пред сѐ затоа што му даваат на корисникот малку повеќе време за реакција и одбегнување на пречката. Меѓутоа, поголемата должина на стапот со висина до лицето на корисникот автоматски го прави подолгиот бел стап и потежок и понезгоден за манипулација и тапкање, така што земајќи ги овие работи предвид, слабостите и предностите на пократкиот наспрема слабостите и предностите на подолгиот бел стап, ние би можеле да ги дадеме следниве препораки:

 

Долг бел стап во висина на лице да користат:

  • Корисниците што пешачат со брзина поголема од 4 километри на час;
  • Корисниците што имаат добра физичка кондиција;
  • Корисниците на кои им е потребно повеќе време за реакција при избегнување на судир со некоја пречка;
  • Корисниците што немаат остаток на вид или остатокот е недоволен за да можат да се потпрат на него при пешачењето.

 

Пократок бел стап во висина на срце да користат:

  • Корисниците што се движат со брзина помала од 4 километри на час;
  • Корисниците што имаат послаба физичка кондиција;
  • Корисниците што можат во движењето делумно да си помагаат и со остатокот од видот.

 

Каков врв треба да користам за белиот стап?

 

Во претходната статија детално ги опишавме видовите врвови за бел стап и нивната функција, а делумно кажавме и кој вид врвови одговараат за кој корисник. Како надоврзување на кажаното таму, овде ќе кажеме уште неколку практични совети во однос на врвовите што веруваме дека ќе ви помогнат при вашиот избор при купување бел стап.

  • Доколку вие како корисник имате пријател што користи бел стап или имате каква било можност да испробате барем еден стап со ротирачки и еден стап со неротирачки врв, направете го тоа задолжително, за практично да сфатите дали припаѓате на корисниците што се базираат на слух или на допир кога се движат.
  • Доколку не е можно да ја примените претходната препорака, тогаш како генерално решение ви го препорачуваме цилиндричниот ротирачки маршмело врв, којшто може да се користи еднакво добро и за техниката за константен контакт со патеката и за техниката на тапкање лево десно.
  • Дополнително, доколку сте корисник што живее во рурална средина или во место со сериозно испукани тротоари, земјени улици и слично, би ви препорачале употреба на врвот наречен џамбо ролер, којшто има поголема површина и полесно ги прескокнува дупките и не заглавува во нив.
  • Доколку сте корисник што има добри рефлекси и сака да се движи побрзо, тогаш можеби можете да испробате и некој од лизгачките метални врвови или неротирачките врвови што ќе ви овозможат поголема брзина при движењето, но многу почесто ќе се заглавуваат во пукнатините, па потребно ќе биде брзо реагирање, во спротивно стапот ќе може да ве бодне во стомакот, што не е смртоносно, но е фрустрирачки и непријатно.

 

Каков треба да биде белиот стап во однос на бојата, додатната технологија, , материјалот од кој е изработен, можноста за склопување и функцијата?

 

Сите овие карактеристики ги поврзуваме во еден поднаслов зашто веќе во голема мера и ги разјаснивме нив во претходната статија, овде само ќе ги дадеме нашите конкретни препораки и тоа:

  • Во однос на бојата, кај нас сѐ уште нема законска регулатива што би ве обврзала за нешто специфично. Но, наша препорака е тоа да биде бел стап со една или неколку црвени рефлектирачки фолии на него бидејќи тоа е најлесно препознатливо во рамки на заедницата и со таквиот стап ги добивате сите стереотипни бенефити.
  • Во однос на материјалот, најдобри се карбонските стапови, но тие се и најскапи во моментов, така што според цената што може да ја одвоите, можете да си набавите аломиниумски стап за дваесетина американски долариили карбонски стап за педесетина американски долари (невклучувајќи ја поштарината). Наша препорака би било да си набавите аломиниумски стап доколку сте почетник и некој што не го користи белиот стап секојдневно, или да вложите нешто повеќе во карбонски стап доколку го користите секојдневно и пешачите повеќе.
  • Во однос на можноста за склопување, малку е разочарувачки ова, но кај нас многу тешко би можеле да набавите несклоплив стап, освен ако не си го донесете сами од странство или некој ако не ви го донесе, така што, најверојатно, во однос на овој критериум заеднички ќе почекаме нашата држава да ни обезбеди можност за избор помеѓу овие два значајни критериума (склоплив и несклоплив).
  • Во однос на додатната технологија што се користи веќе извесно време во некои бели стапови, ние може да кажеме дека ова активно го следиме, имаме тестирано некои од тие стапови и во пракса, па засега наш искрен совет би бил да не трошите стотици евра на овие технолошки напредни бели стапови бидејќи сѐ уште не можат да го испорачаат во пракса тоа што го ветуваат во теорија.
  • Во однос на функционалноста, најважно е да ве потсетиме дека белиот стап за ориентација и мобилност не е и бел стап за потпирање или бастун, така што ќе треба да ги купите и да ги користите и двете помагала паралелно ако имате потреба од тоа.

 

Ова беше една подолга статија, што веруваме дека е доволно информативна и за напредните корисници на бел стап, но особено за почетниците или оние што подоцна го имаат изгубено видот. Следната наша статија од овој серијал ќе биде за тоа како или од каде ќе може да набавите/купите бел стап.