Слика од раце коишто се движат над точките од брајовото писмо

Во првиот текст од нашиот серијал информативни написи за брајовото писмо во јануари, пишувавме за Луј Брај, човекот што, за нас, слепите лица, е од огромно значење, зашто тој е творецот на брајовото писмо.

 

Во овој текст решивме да ве запознаеме малку повеќе со брајовото писмо, односно да одговориме на прашањето што точно претставува ова писмо, а накратко ќе напишеме и за неговото прифаќање низ историјата.

 

Опис на брајовото писмо

 

Брајовото писмо е точкасто релјефно писмо, односно тоа е тактилен систем за читање и пишување што го користат слепите лица низ целиот свет.

 

Тоа е составено од шест точки (или 8 во некои земји), кои вертикално се делат на лева и десна колона, а хоризонтално има 3 реда со по две точки (горен, среден и долен ред) кај шестточковното брајово писмо, односно 4 реда со по две точки кај компјутерското осумточковно брајово писмо и брајовото писмо во некои источноазиски држави. Со помош на точките можат да се пишуваат не само букви туку и броеви, математички знаци, правописни знаци, музички ноти итн.  Брајовото писмо се чита со движење на раката или рацете од лево кон десно. При читањето обично се вклучени двете раце, односно едната рака ја следи другата и помага при полесно пронаоѓање на следниот ред што треба да се прочита, а допирот најчесто се изведува со врвовите на показалците, односно со јагодиците на прстите.

 

Брајовото писмо претставува основна алатка, којашто нам, на лицата со оштетен вид, ни овозможува да учиме, читаме и пишуваме, како и придонесува за наша  поголема вклученост во општеството, посебно во интелектуалните (писмени) кругови. Со ова писмо се служат сите слепи лица во светот, но бидејќи јазиците се со различен број букви, се прават одредени модификации и дополнувања за буквите што ги нема во француската латиница од која Луј Брај првично го создал овој систем, а модифицирањето најчесто се завршува со стандардизација на писмото за одреден јазик.

 

Текот на прифаќање на брајовото писмо

 

Има неколку важни датуми, кои вреди да ги споменеме за прифаќањето на брајовото писмо: на крајот на 19-тиот век се одржале три конгреса на наставници за слепи лица во Лајпциг, Дрезден и во Париз, кои одиграле многу важна улога во проширувањето на брајовото писмо. По само неколку децении од неговото создавање од Луј Брај, во 1872 година брајовото писмо било прифатено на меѓународно ниво како писмо за учење и за комуникација помеѓу слепите лица, со што се постигнал огромен напредок во образованието на слепите во Европа и Америка, а подоцна и во целиот свет. Во Америка брајовото писмо е прифатено во 1917 година, а во 1932 година било усвоено универзално брајово писмо за англиското говорно подрачје. Во балканските земји писмото било воведено помеѓу 1900-тата и 1918-тата година, а во 1955-тата година УНЕСКО за прв пат го прогласува брајовото писмо како универзално писмо за слепи и слабовидни лица.

 

Во нашата држава се користи основниот степен на брајово писмо, којшто е развиен од Луј Брај. За него е карактеристично дека еден знак се однесува на една буква од азбуката и овој степен не содржи скратеници.

 

Од основната француска латиница е направена и брајовата азбука за македонскиот јазик, каде што буквите за гласовите што ги нема во нашиот јазик се исврлени, а за гласовите што ги има во македонскиот јазик, а ги нема во француската латиница, се направени нови симболи со рекомбинација на распоредот на точките.

 

Во наредниот текст од овој наш серијал за брајовото писмо ќе ве запознаеме со средствата што ги користиме за пишување на брајовото писмо.