Белиот стап претставува помагало за самостојно движење и симбол за независност на луѓето со оштетен вид. Иницијативата за ден на белиот стап формално започнува од 1964 година во која учествувал тогашниот американски претседател Линдон Б. Џонсон. Оттогаш па до денес ова одбележување на важноста на белиот стап се има проширено во голем број земји низ светот и ги симболизира активното и независното учество на луѓето со оштетен вид во општеството.
Историски, користењето на рачно изработени дрвени стапови од страна на слепите луѓе било честа појава со векови наназад, но по Првата светска војна и напливот на голем број новоослепени војници ветерани, како и поради појавата на автомобилите од почетокот на дваесеттиот век, овие стапови не биле доволно забележливи во сѐ поголемите урбани средини, па така неколку слепи луѓе, заедно со Лајнс и Ротари организациите низ Западна Европа и САД почнуваат да експериментираат со обојување на стаповите што ги користеле со бела боја, нешто што се покажало ефикасно и функционално.
Споменатите дрвени стапови во последните 100 години еволуирале во високо софистицирано помагало за луѓето со оштетен вид (бел стап), како од аспект на материјалите од кои се изработени, така и од аспект на користењето, имено, развиени се специфични техники за нивно оптимално користење со што денес претставуваат симбол за независност, слободно движење и безбедност за луѓето со оштетен вид.
Дознајте многу повеќе за ова исклучително важно помагало во нашите одговори на најчестите прашања за него, а на сите луѓе со оштетен вид во нашата држава — честит ден на белиот стап!