Лого на НССРСМ

Националниот сојуз на слепи од годинава започна со еден многу значаен проект, дигитализирање на својата звучна библиотека снимена на аналогни носачи на звук (магнетофонски ленти). Овие аудио книги се снимени пред 40, 50, па и 60 години и се многу важни од културолошки аспект. Тие се со одличен гласовен перформанс, снимени од едни од најдобрите радио спикери што тогаш ги имала државата и сведочат за континуитетот во однос на обезбедувањето квалитетни аудио ресурси што Сојузот на слепи ги обезбедувал низ децениите наназад преку целото свое постоење. Во претстојниот период, за своите членови НССРсМ ќе ги објавува овие дигитализирани аудио книги преку својата веб-страница. Се надеваме дека повозрасните наши членови ќе се потсетат на своето детство или младост слушајќи ги овие книги, додека нашите помлади членови и деца ќе добијат голем број нови квалитетни ресурси што ќе им го олеснат образованието и ќе им ја разбудат љубопитноста кон книгите и чистиот македонски говор.