Драги читатели, со оваа статија ја продолжуваме серијата записи за брајовото писмо. во изминатите текстови зборувавме за животот и делото на Луј Брај, творецот на брајовото писмо, како и за значењето и прифаќањето на писмото.
Во овој текст ќе зборуваме за брајовата табла и шило, кои се користат за пишување на брајово писмо. Јас како лице со оштетен вид, слободно можам да кажам дека тоа е одлична замена за пенкалото, кое го користат лицата без оштетување на видот.
Брајова табла
Брајовата табла е помагало кое се користи за рачно пишување на брајовото писмо. Првата брајова табла за пишување била направена од страна на Луј Брај, којашто се состоела од два дела: горен метален дел со отвори за шестоточката и долен дрвен дел со три хоризонтални линии. За време на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, оваа табла била основно помагало за пишување на брајовото писмо, но со напредокот на технологијата, понатаму биле произведувани понови и пософистицирани модели на брајова табла. Се смета дека до денес се произведени околу 400 видови на брајови табли и шила, коишто се со различна димензија и големина, од кои, во денешно време се користат околу 50 видови.
Брајовата табла е помагало, кое е составено од две метални или пластични плочи, кои имаат правоаголен облик, а во средината се наоѓа шарка која ги спојува двете плочи, која на таблата ѝ овозможува да се отвора и затвора како книга.
На десната страна од горната плоча на брајовата табла втиснати се броеви, кои служат за означување на редовите, додека на горната плоча се наоѓаат правоаголни отвори, куќишта, кои се обележани со соодветни лежишта за секоја точка од шестоточката, а на долната плоча се наоѓаат шест втиснати лежишта за точките со длабочина од 1,5мм.
На брајовата табла се пишува со помош на шило, коешто се состои од 2 дела: дрвена или пластична дршка, којашто е прилагодена на раката и метална игла со заоблен врв, којашто е дебела 1,5 мм.
И покрај сѐ помалата употреба на брајовата табла, вреди да напоменеме неколку предности за нејзина примена:
- Поради нејзината големина, брајовата табла можеме да ја носиме насекаде со нас, па така со неа може да запишуваме кратки белешки, листа за пазарење и многу други слични задачи,
- Брајовата табла при користење е тивка, па така кога пишуваме со неа, не би пречеле на луѓето околу нас,
- Предноста на овие табли е нивната поволна цена, па така многу од нас биможеле да си дозволат да ја купат и да ја користат во секојдневниот живот.
Во наредниот текст ќе зборуваме за уште едно помагало кое се користи за пишување на брајовото писмо, а тоа е брајовата машина.