Почитувани членови на НССРСМ, ви ги честитаме новогодишните и божиќните празници со една убава вест, а тоа е објавата на првиот женски компјутерски глас за македонски јазик, Сузе. По гласот Кико, за македонски и гласот Хана, за албански јазик, за нецели година и половина им го збогатуваме изборот при користењето компјутерски глас на македонски јазик на сите наши членови на информатичките технологии (паметни телефони и компјутери) со уште еден нов, многу квалитетен женски глас, наречен Сузе, по спикерката со над 30-годишно искуство во Македонското Радио – Радио Скопје, Сузана Тодоровска, којашто го позајми својот глас за оваа компјутерска апликација и со тоа својот глас го остави на генерации и генерации корисници на оваа технологија да ја слушаат и да уживаат при читањето книги и секаква литература.
Убава вест е и тоа што, за разлика од првите два гласа што ги правеше американската компанија „Лаудер пејџес“, овој пат главен збор во изработката на гласот имаше тимот на професор доктор Бранислав Геразов од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Покрај првичниот тим на професорот Геразов, во завршната фаза од креирањето на гласот се придружи и нашиот ценет пријател Звонимир Станечиќ од Загреб, Хрватска, којшто е магистер по руски и полски јазик и страстен почитувач на македонскиот јазик и култура. Овој тим координиран од членот на НССРСМ и вработен во Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, Кристијан Лазарев, за релативно краток период, од декември 2021 до мај 2022, го изработи гласот и го пушти во употреба, а од тогаш до сега се направија неколку абдејти и во продолжение ги споделуваме со вас линковите, каде што може да ги преземете последната верзија од Гласот Сузе во форма на додаток (add-on) за читачот за екран НВДА за оние што како читач за екран го користат НВДА, или да ја преземете САПИ-5 верзијата од гласот Сузе, којашто работи и со НВДА, но и со другите читачи за екран како Џос (JAWS), Наратор (Narrator) и слично, а за оние што користат Андроид телефони или таблети, гласот Сузе е достапен за преземање и на андроид преку Плеј-стор продавницата на гугл, целосно бесплатно.
Важно е да спомнеме дека за инсталацијата на гласот Сузе доволно е да ги следите упатството за инсталација на гласот Кико за НВДА и упатството за инсталација на гласот Кико на андроид. Единствената разлика што може да ја забележите е тоа што гласот Кико и Хана се преземаат преку веб-страницата на „Лаудер пејџес“, додека гласот Сузе го преземате на линковите погоре во оваа статија, а потоа ја следите нивната редовна процедура за инсталација и за прилагодување и поставување во читачот што го користите по ваш избор.
Овде напоменуваме дека финансиски изработката на овој глас во најголем дел беше поддржана од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија преку проектот „Инклузија на децата со попреченост во предучилишното образование“ и делумно од сопствените средства на НССРСМ.
Се надеваме дека оваа новина ќе ви се допадне, а патем ви навестуваме дека годинава ви подготвуваме уште неколку позитивни изненадувања за вас, затоа читајте не редовно и бидете во тек со сѐ она што ние, помладите членови на НССРСМ, го правиме за вас, нашите пријатели со оштетен вид во државата.