Книшка за бесплатно возење на слепите лица и на нивните придружници се издава врз основа на правото на слепите лица за патување без надомест во внатрешниот патнички превоз.(Закон за изменуавње и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај-Службен весник на РМ бр.140/2010)

УПАТСТВО

ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА СЛЕПИТЕ ЛИЦА И НИВНИТЕ ПРИДРУЖНИЦИ НА БЕСПЛАТНО ВОЗЕЊЕ ВО ВНАТРЕШНИОТ ПРЕВОЗ НА ПАТНИЦИ

1.Слепото лице и неговиот придружник имаат право на патување без надомест врз основа на член 33, став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај.

2.Слепите лица со оштетување на видот над 90% со живеалиште во Република Северна Македонија, како и нивниите придружници, имаат право под услови утврдени во Законот за превоз во патниот сообраќај на бесплатно патување во внатрешниот превоз на патници.

3.Во внатрешниот превоз на патници слепото лице со оштетување на видот над 90% и неговиот придружник имаат право во текот на една календарска година право на максимум шест патувања без надомест.

4.Под едно патување во внатрешниот превоз на патници се смета заминувањето од појдовното место, до местото на упатување (возење во заминување) и враќање од местото на упатување до појдовното место (возење во враќање).

При возењето во заминувањето и враќањето може од појдовното место до местото на упатување и обратно во внатрешниот превоз на патници да се користат превозните средства на превозникот во меѓуградскиот автобуски превоз.

5.Ако придружник на слепото лице е друго слепо лице, нема право на патување без надомест како придружник.

6.Слепото лице и неговиот придружник го остваруваат правото на возење без надомест врз основа на книшката за бесплатно возење на слепите лица.

Книшката за бесплатно возење на слепите лица содржи и објава за бесплатно возење на придружникот на слепото лице која е составен дел на книшката.

7.Книшката за бесплатно возење на слепите лица ја печати Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија и ја издава надлежна организација-здружение на слепите лица-членка на Национален сојуз на слепи на Република Северна Македонија на лие подрачје живее слепото лице, врз основа на доказот од лекарската комисија за слепилото.

При издавањето на книшката за бесплатно возење, со мастило, или со хемиско пенкало, читливо во книшката се запишуваат сите потребни податоци на корисникот.

Книшката за бесплатно возење има важност пет години, а може да се користи само во календарската година за која се заверува.

8.Заверка на книшката за бесплатно возење на слепото лице врши надлешна организација-здружение на слепи лица-членка на Сојузот.

При заверувањето на книшката за соодветната календарска година, овластеното лице на надлежното здружение задолжително ја пополнува годината за сите шест патувања во заминување и враќање за слепото лице и неговиот придружник на соодветните страници на книшката.

9.При земањето на возниот билет за себе и за својот придружник превозникот е должен во возната книшка за бесплатно патување, со мастило или хемиско пенкало, на соодветната страница да ја запише релацијата на патувањето за заминување, односно во враќање и име на придружникот, односно да евидентира дека слепото лице и неговиот придружник го искористиле превозот.

При земањето на возниот билет за бесплатно возење за себе и за својот придружник, слепото лице е должно уредно пополнетата и заверена книшка да ја поднесе на патничката благајна на автобуската станица, која на слепото лице и на неговиот придружник ќе му издадат билет за патување во двата правци (повратен билет) без надоместок, билет за утврдената релација или за дел од неа, и тоа ќе го завери во една од рубриките на соодветната страница на книшката.

Издавањето на повратниот билет е на трошок на превозникот.

10.Кога патничката благајна на автобуската станица, ќе издаде возен билет за придружникот на слепото лице, задолжително тоа го потврдува со својот жиг во објавата за придружникот на слепото лица која се наоѓа на соодветната страница во книшката.