Човек на тротоар ја испитува улицата со бел стап

Изминативе неколку месеци пишувавме за „Историјата на белиот стап“ и ги одговоривме прашањата „Што е бел стап?“ , „Какви видови бел стап постојат?“  и дадовме насоки за тоа како да си одберете бел стап што е соодветен за вас.

Во оваа статија накратко ќе разгледаме неколку опции за тоа како може да си набавите, то ест купите бел стап.

 

Појаснување

 

Нагласуваме дека ова не се единствените места каде што може да се набави/купи бел стап, туку неколку алтернативи што функционираат во пракса и се практикуваат од дел од корисниците на бел стап во недостиг на системска процедура и можност за набавка на соодветен бел стап од продавниците за помагала од нашата држава. Дополнително, нагласуваме дека ниту ние како автори, ниту НССРСМ имаме каква било соработка или бенефит од оваа препорака, којашто ја даваме само за да им ја олесниме потрагата по ова помагало на оние на кои белиот стап им е потребен, а живеат во оваа држава.

 

Амбутек

 

Едно од местата од кои ние имаме купувано бели стапови и сме сигурни за квалитетот е онлајн-продавницата Амбутек од Канада. Овде можете да нарачате бел стап со соодветна висина, да го одберете врвот на стапот, дали ќе биде ротирачки, неротирачки или лизгачки, можете да одберете каква боја ќе биде, од каков материјал да биде изработен, каква да биде рачката итн. Квалитетот на овие бели стапови е одличен, од она што до сега го имаме испробано, траат долго и нема да треба да ги заменувате многу често. Единствен недостаток е високата поштарина што треба да се плати, како и неможноста на лице место да го испробате белиот стап што го купувате. Сепак, доколку ги прочитавте претходните наши статии за белиот стап, веруваме дека ќе може да се одлучите за вистинскиот бел стап што одговара за вас и без да треба да го испробате.

 

Тифло Глобус

 

Следно место од кое може да си нарачате бел стап онлајн е хрватската продавница Тифло Глобус. Предноста на оваа продавница е хрватскиот јазик, така што за повеќето, посебно повозрасните идни корисници на бел стап, претпоставуваме дека ќе биде полесно да го прочитаат описот на белите стапови и да ја направат нарачката. Недостаток овде е високата поштарина, како и кај Амбутек, но дополнително и повисоката цена на самите производи. Така што оваа продавница ја препорачуваме главно на тие што не го знаат англискиот јазик.

 

Али Експрес

 

Трет наш предлог за место од кое може да си купите бел стап е светски добро познатата онлајн продавница Али Експрес. Предностите кај оваа продавница се цената на самите стапови, коишто чинат двојно поевтино од претходните две продавници,, како и ниската или 0 поштарина. Недостаток кај оваа продавница е тоа што постои минимален ризик да не го добиете буквално тоа што сте го порачале, туку нешто слично, но сепак, тој ризик е минимален и до сега нашето искуство за набавка на бели стапови преку Алиекспрес е позитивно. Доколку ја изберете оваа продавница како место од каде ќе го набавите вашиот иден бел стап, пред да го стиснете копчето „плати“, ви препорачуваме да ги прочитате коментарите и ревјуата на претходните купувачи, како и рејтингот на продавачот.

 

Заклучок

 

Ова се 3 онлајн-продавници од кои може да се купи бел стап, за кои накратко се обидовме да го опишеме нашето искуство со нарачките од нив, а и да ги кажеме позитивните и негативните страни при набавката. За жал, во нашата држава сѐ уште нема продавница што обезбедува соодветни бели стапови, што значи, бели стапови коишто ќе одговараат на вашата висина, на вашите преференци во однос на врвот и останатите потреби. Она што се наоѓа кај нас се бели стапови со единствена должина од околу 120 сантиметри што  не одговараат на различните преференци и потреби на секој корисник на бел стап. Затоа, дури ние работиме на промена на таквата состојба, ви ги препорачуваме продавниците погоре како неидеални, но најсоодветни алтернативи во моментов.