Со поддршка од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија во периодот јануари – јуни 2023 година изврши адаптација на македонско-албанскиот, албанско-македонскиот речник и разговорник со што на своите членови, во прв план на најмладите деца и лица со оштетен вид, им овозможи квалитетен ресурс за изучување на албанскиот, односно македонскиот јазик.
Двонасочниот Македонско-албански и Албанско-македонски Речник е подготвен по покренатата многу мудра и ценета иницијатива на Нансен Дијалог Центар – Скопје и Канцеларијата на високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ. Овој Речник, кој содржи избран број лексеми, е грижливо направен првично да им послужи на најмладите, односно на учениците од основните училишта во Република Северна Македонија, во кои се изведува настава по македонски јазик (во основните училишта со албански наставен јазик) и настава по албански јазик, како изборен предмет (во основните училишта со македонски наставен јазик). Но, сепак, Речникот е изготвен со цел да го олесни стекнувањето на албанскиот и /или македонскиот како немајчин или странски јазик и за поширок број корисници.
НССРСМ со поддршка од споменатото министерство обезбеди по 30 адаптирани копии во брајово писмо и ги дистрибуира во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, во Народната универзитетска бибиотека, како и во дел од своите здруженија кои се во мултиетничка средина. По повот промоција на овој речник, меѓудругото, НССРСМ организира и промотивен настан во Струмица, на кој учествуваа повеќе од 35 лица со оштетен вид на кои идејата со речниците им се допадна и дел од нив добија копии за да го користат. За да се олесни користењето беа изработени и кратко дигитално и аудио упатство што може да се преземе на крајот од оваа статија.
Севкупно земено, овој проект беше одлично примен од нашите членови и резултатите од него ќе бидат долгорочни со самото тоа што речниците се изработени од квалитетна брајова хартија, ќе имаат повеќегодишна можност за користење, а со тоа ќе придонесат кон зголемување на меѓуетничката кохезија во нашето општество.
НССРСМ изразува благодарност до Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за искажаната поддршка и очекува меѓусебната соработка да продолжи и понатаму на исто високо ниво.
Линкови за симнување на упатствата
Дигитално упатство на Македонски јазик.
Дигитално упатство на Албански јазик.
Аудио упатство на Македонски јазик.
Аудио упатство на Албански јазик.